Sena Güler
11 Октомври 2017•Ажурирај: 11 Октомври 2017
ЊУЈОРК (АА) - Специјалниот пратеник на ОН, Исмаил Улд Шејх Ахмед, изјави дека водачите на спротивставените страни во Јемен не сакаат да ја решат кризата во таа земја бидејќи имаат корист од неа, така што се обогатуваат на сметка на народот кој страда, јавува Anadolu Agency (AA).
Пратеникот Ахмед до Советот за безбедност на ОН поднесе извештај за ситуацијата во Јемен и изјави дека таа земја поминува низ погубна војна во која спротивставените страни и понатаму водат борба за моќ, а ја занемаруваат хуманитарната катастрофа што ја предизвикаа.
„Во таа војна нема победници, а губитник во војната е народот на Јемен, кој и понатаму страда. Колку што повеќе народот страда и е посиромашен, лидерите на спротивставените страни се сѐ побогати и затоа не се заинтересирани за каков било мировен договор“, изјави Ахмед.
И челникот на Агенцијата за координација на хуманитарните работи на ОН (OCHA), Џон Гинг, предупреди дека 15 милиони лица во Јемен немаат пристап до чиста, пивка вода, лекови и до другите основни намирници.
„Околу седум милиони лица се соочени со глад, а 460.000 деца страдаат поради потхранетост. Епидемијата на колера однесе 2.100 човечки животи“, изјави Гинг.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза, која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна кога бунтовниците, предводени од шиитското движење на Хусите, го зазедоа главниот јеменски град Сана, а потоа и други региони.
Претседателот на Јемен, Хади, и неговата влада побегнаа во Саудиска Арабија. Јужниот град Аден во моментов е административен центар на меѓународно признатата јеменска Влада. Конфликтите во Јемен дополнително ескалираа уште во март минатата година, кога Саудиска Арабија со своите арапски сојузници започна воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Двете рунди мировни преговори предводени од ОН не резултираа со решение за судирите во таа земја.