Esat Fırat
28 Септември 2020•Ажурирај: 30 Септември 2020
ЕРУСАЛИМ
Обединетите нации (ОН) соопштија дека израелските сили урнале над 500 палестински домови и објекти во окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим од почетокот на 2020 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот подготвен од Канцеларијата за координација на хуманитарните работи на ОН (OCHA) се наведува дека израелските сили урнале 506 палестински куќи и објекти на Западниот Брег и во Источен Ерусалим со образложение дека „немаат дозволи“.
Исто така, се забележува дека Израел урнал 22 куќи и објекти во последните две недели. Од вкупно 506 урнати куќи и објекти оваа година, 134 се наоѓаат во Источен Ерусалим.
Се посочува дека домовите на Палестинците, што живеат во „зоната Ц“, која изнесува 60 проценти од Западниот Брег, се соочуваат со закана од уривање.
Меѓу другото, во извештајот се наведува дека Израел им ги наплаќал на сопствениците трошоците за уривање на куќите.
Во писмената изјава на 10 септември, Џејми Мекголдрик, хуманитарниот координатор на ОН за Палестина, истакна дека Израел за време на епидемијата од Ковид-19 ги забрзал своите активности за уривање, кои се спротивни на меѓународното право.
Истакнувајќи дека со оштетувањето на имотот на луѓето во окупираните области се прекршуваат меѓународните човекови права, Мекголдрик рече дека забрзувањето на уривањата за време на епидемијата предизвикува загриженост.
Исто така, во извештајот се наведува дека израелските власти извршиле уривања на палестинските имоти во окупираниот Западен Брег и во Источен Ерусалим и ги забрзале активностите за изградба на еврејските населби.