Betül Yürük
06 Октомври 2020•Ажурирај: 06 Октомври 2020
ЊУЈОРК
Обединетите нации (ОН), осудувајќи го продолжувањето на судирите во Нагорно Карабах, го повторија својот повик до Азербејџан и Ерменија веднаш да ги прекинат конфликтите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, преку портпаролот Стефан Дујариќ изрази загриженост во однос на ескалацијата на конфликтот и нападите врз областите со цивилно население.
Потсетувајќи ги страните за нивната обврска да ги штитат цивилите и цивилната инфраструктура во рамките на меѓународното хуманитарно право, Гутереш го осуди продолжувањето на конфликтите и покрај повиците на меѓународната заедница и ги повика Азербејџан и Ерменија веднаш да ги прекинат конфликтите.
Наведувајќи дека кризата не може да се реши со воени средства, Гутереш ги повика и регионалните и меѓународните актери искористувајќи го влијанието врз страните веднаш да стават крај на конфликтот и да се вратат на преговорите под надзор на копретседателите на Групата Минск на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Пограничните судири избувнаа на 27 септември, кога ерменските сили започнаа со напади врз азербејџанските цивилни населби и воени позиции, кои резултираа со жртви.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупираше Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации бараат повлекување на окупациските сили.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Франција, Русија и НАТО, меѓу другите, повикаа на итен прекин на судирите во окупираниот регион.