Bayram Altuğ
29 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека 229 демонстранти се убиени во протестите во Ирак кои траат од 1 октомври, пренесува Anadolu Agency (AA).
Руперт Колвил, портпаролот на високиот комесар на Обединетите нации за човекови права (OHCHR), на неделната прес-конференција во Канцеларијата на ОН во Женева, одговараше на прашања во врска со демонстрациите во Ирак.
Портпаролот Колвил рече дека според привремените бројки на канцеларијата на ОНЦХР во Ирак, од 25 октомври, кога продолжија демонстрациите во земјата, убиени се најмалку 72 лица.
Истакнувајќи дека во таа бројка се вклучени и лицата кои ги загубија животите во Карбала, Колвил нагласи: „Добивме многу вознемирувачки информации од Карбала.“
Тој истакна дека вработените во ОНЦХР се во контакт со очевидци во регионот.
Портпаролот Колвил рече дека од 1 октомври, кога избувнаа демонстрациите во Ирак, животот го загубиле вкупно 229 лица, и дека е можно таа бројка да биде и повисока.
Тој наведе дека прекумерната употреба на сила од страна на безбедносните сили е главната причина за смртта на демонстрантите.
Али Бејатли, член на Високиот комесаријат за човекови права на Ирак, во писмената изјава вели: „Според информациите на активисти и невладини здружение во Карбала, 20 лица загинаа, а над 800 луѓе беа повредени во демонстрациите одржани синоќа (понеделник).“
Ирачаните организираат протести во различни делови од земјата поради невработеноста, корупцијата и недостигот на јавни услуги. Протестите кои започнаа на 1 октомври, по прекинот поради церемонијата по повод Арбаин, во петокот (на 25 октомври) започнаа повторно.