Bayram Altuğ
13 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Во извештајот на Обединетите нации (ОН) се наведува дека два милиони луѓе ги загубиле животите во природните катастрофи предизвикани од временските и климатските услови во текот на изминатите 50 години, а предизвиканата материјална штета е проценета на 3,6 билиони долари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Светската метеоролошка организација (WMO) и уште неколку организации под покровителство на ОН објавија посебен извештај по повод денешниот Меѓународен ден за намалување на ризикот од природните катасторофи.
Во извештајот се наведува дека климатските промени несомнено довеле до зачестени природни катстрофи, а дека третина од светската популација нема пристап до адекватниот систем за благовремено предупредување за можна катастрофа.
Глобално во изминатите пет децении се забележани повеќе од 11.000 природни катастрофи во кои животот го загубија два милиони лица и направена е материјална штета од 3,6 билиони долари.
Генералниот секретар на Светската метеоролошка организација (WMO), Петери Талас, изјави дека многу животи и ресурси би можеле да се спасат со благовремено и правилно предупредување и припрема пред природните непогоди.
Укажувајќи на кризата што ја предизвика пандемијата на Ковид-19 на глобално ниво, Талас изјави дека и климатските промени во наредниот век ќе претставуваат растечка закана по животите на луѓето.
Од Канцеларијата на Меѓународната стратегија на ОН за намалување на ризиците од катастрофи (UNISDR) соопштено е дека во изминатите 20 години е забележан драматичен раст на природните катастрофи.
Во образложението се наведува дека од 1980 до 1999 година во светот биле забележани 4.212 природни катастрофи, а дека од 2000 до 2019 година во светот се случиле 7.348 такви катастрофи.
Азија е континент што е најтешко погоден од природните катастрофи во текот на изминатите децении, а метеоролозите предупредуваат дека во наредната деценија голема закана во тој регион би можеле да претставуваат сушите и топлотните бранови.
Во изминатите две децении во Кина се забележани 577 природни катастрофи, во САД 467, во Индија 321, Филипините 304 и во Индонезија 278.
Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи е посветен на зачувување на околината и за спречување на ризикот од природните катастрофи.
Иницијативата е започната во 1989 година по повикот на Генералното собрание на ОН, кој Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи го гледа како начин за промовирање на културата на свест за ризиците и за намалување на ризиците, што вклучува превенција на катастрофите, ублажување на последиците и подготвеност на одговор.
До 2009 година Денот за намалување на ризикот од катастрофи се одбележуваше втората среда во октомври, а по 2009 година тој ден се одбележува на 13 октомври.