Mustafa Keleş
18 Октомври 2016•Ажурирај: 18 Октомври 2016
ЊУЈОРК (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека во Јемен, на 19 октомври, во 23:59 часот судирите ќе бидат прекинати, а во сила ќе стапи 72-часовно примирје, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на гласноговорништвото на генералниот секретар на ОН се наведува дека специјалниот претставник на ОН, Исмаил Улд Шеих Ахмед добил гаранција од сите страни дека судирите низ целата земја ќе бидат сопрени.
Се истакнува дека тридневното примирје ќе стапи во сила в среда навечер, во 23:59 по локално време, а ќе се разговара за негово продолжување.
На овој начин ќе биде овозможено да се запре крвопролевањето и да се испрати хуманитарна помош, за која е потребен безбеден премин по областите низ Јемен. Од завојуваните страни беше побарано да се држат до своите ветувања.