Burç Eruygur
09 Ноември 2022•Ажурирај: 10 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку пет лица загинаа во украинските региони Доњецк, Херсон и Харков рано утрово како резултат на гранатирањата и нагазните мини, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Гувернерот на Доњецк, Павло Кириленко, на Телеграм објави дека во руското гранатирање на градовите Курахове и Часив Јар загинале две лица, ранети биле шест и нанесена е штета на локалната инфраструктура.
Во меѓувреме, гувернерот на Харков, Олех Синјехубов, исто така преку Телеграм соопшти дека двајца работници за одржување на патната инфраструктура ги загубиле животите, додека двајца се ранети од нагазна мина во подрачјето на Чухуив, Харков.
„Опасноста од мини долго време ќе биде еден од најголемите проблеми во регионот Харков. Руските окупатори минираа апсолутно сè“, истакна Синјехубов.
Според заменик-шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Кирило Тимошенко, руските сили го гранатирале и селото Нововоскресенске во регионот Херсон, при што загинало едно лице, додека ранети биле три лица.
Тимошенко, исто така, преку Телеграм ги потврди и другите жртви регистрирани во регионите Доњецк и Харков.
Во понеделникот Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации соопшти дека досега во војната во Украина загинале вкупно 6.490 цивили, додека повредени се 9.972.