Necva Taştan Sevinç
18 Ноември 2024•Ажурирај: 19 Ноември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Нордиските земји ги засилуваат напорите да ги подготват своите граѓани за кризи, објавувајќи ажурирани насоки за преживување во услови на зголемена безбедносна загриженост поради руската војна во Украина, пренесува Анадолу.
Шведска, Финска, Норвешка и Данска издадоа практични совети за справување со вонредни ситуации, како што се војна, природни катастрофи и екстремни временски услови, објави денес Би-би-си.
Шведска почна да дистрибуира обновена верзија на својот водич за воени услови, „Ако настапи криза или војна“, до домаќинствата.
Брошурата, двојно поголема од последното издание во 2018 година, го рефлектира она што официјалните претставници го опишуваат како влошена глобална безбедносна ситуација.
Шведскиот министер за цивилна одбрана, Карл-Оскар Болин, ја нагласи потребата од издржливост, како и фокус на инфраструктурата за „севкупна одбрана“.
Водичот ги советува Швеѓаните да се подготват за потенцијални нарушувања во синџирот на снабдување со залихи, како што се компири, конзервирана храна и вода при вонредни ситуации.
На сличен начин соседна Финска објави дигитален водич во кој детално се опишани владините одговори на кризи и индивидуалната самоподготвеност, вклучително и прекините на струја за преживување и суровите зимски услови. На граѓаните им се препорачува да складираат неопходни работи, како што се таблети со јод, храна за домашни миленици и резервни извори на енергија.
Финска, за разлика од Шведска, се одлучи за дигитален формат за да ги намали трошоците и да овозможи натамошно ажурирање.
Норвешка дистрибуираше 2,2 милиони копии од својот водич за итни случаи, повикувајќи ги граѓаните да се подготват за самоодржливост за период од една недела.
Брошурата се однесува на ризици, како поплави и лизгање на земјиштето, кои властите им ги припишуваат на климатските промени.
Данска прати е-порака со насоки до жителите за снабдување со резерви за три дена, фокусирајќи се на храната, водата и лековите.
Повторните обновени насоки се дистрибуираат откако Шведска и Финска неодамна се вклучија во НАТО, прекинувајќи ја повеќедецениската неутралност.
Финска континуирано одржува висока одбранбена подготвеност, а Шведска повторно ја гради својата подготвеност по долгогодишно опаѓање.
Властите од целиот регион ја нагласуваат важноста од подготвеност, повикувајќи ги граѓаните да складираат доволни количини од основните работи за период од најмалку 72 часа.