Ekip
03 Јануари 2022•Ажурирај: 04 Јануари 2022
ОВИЕДО
По рекордно високите температури за овој период од годината, пожарникарите на северот на Шпанија се борат да го изгаснат бранот шумски пожари што избија во текот на првиот викенд во годината, јавува Агенција Анадолија (АА).
Властите денес соопштија дека 50 шумски пожари сè уште се активни во подрачјето Астурија каде што се очекуваат до 19 степени Целзиусови.
Во неделата се регистрирани повеќе од 100 шумски пожари во Астурија и Кантабрија.
Штетата е ограничена на земјиште и на неколку згради, но пожарите им се закануваат на селата во областите Белмонте и Салас.
Градовите Хихон, Билбао, Ла Коруња и Саламанка се само некои од градовите каде што во последните денови се забележани и до 25 степени Целзиусови.
Но пожарите не се сметаат за природна појава.
Властите наведуваат дека поголемиот дел се намерно предизвикани.
„Ужасно е што непристојноста на само неколкумина го доведува во опасност пејзажот на Астурија и богатата природна средина“, напиша претседателот на Астурија, Адриан Барбон, на социјалната мрежа Твитер.
Многу пожари најверојатно ги подметнале земјоделците кои сакале да го исчистат земјиштето и да го подготват за пасење.
Други укажуваат на локалните пиромани, познати по подметнувањето пожари.