Ahmet Gençtürk, Servet Günerigök, Diyar Güldoğan
01 Март 2023•Ажурирај: 02 Март 2023
АНКАРА / АТИНА / ВАШИНГТОН (АА) - Бројот на загинати во судирот на патнички и товарен воз во северна Грција се искачи на 36, соопшти денес официјален претставник, пренесува Анадолу.
„Најмалку 130 луѓе се повредени“, изјави Василис Ватракогијанис, претставник на Противпожарната служба, јави грчката државна телевизија „ЕРТ“.
„Од повредените, 66 се згрижени во околните болници“, рече Ватракогијанис.

Според наводите, патничкиот воз превезувал 346 луѓе и бил на пат од Атина кон Солун, а возовите се судриле во градот Темпи во северната провинција Лариса.
Според извештаите, неколку вагони излетале од шините, а најмалку три од нив се запалиле.
Најмалку 30 возила на Брза помош се испратени на местото.
„Пожарникарите кои работат на одредени вагони користат четири специјални возила со кран“, рече Ватракогијанис.
Во меѓувреме, грчката полиција и лекарите започнаа процес на идентификација на телата во општата болница во Лариса.
- Туркије изрази сочувство
Турското Министерство за надворешни работи објави соопштение во кое изрази сочувство и жалење за загубата на животи.
„Со тага слушнавме дека многу луѓе ги загубиле животите и се повредени синоќа како последица на железничка несреќа во нашата соседна Грција“, соопшти Министерството.
„Изразуваме сочувство до роднините на оние кои ги загубија животите во оваа трагична несреќа, како и до народот и Владата на Грција. Им посакуваме брзо закрепнување на повредените,“ се додава во соопштението.