Büşra Selvi Öğütcen
07 Октомври 2017•Ажурирај: 08 Октомври 2017
САО ПАОЛО (АА) - Најмалку осум лица се убиени во напад што во една градинка во Бразил го изврши поранешен припадник на обезбедувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Дамиао Соарес дос Сантос (50), поранешен вработен во обезбедувањето на градинката, врз децата и воспитувачите истурил алкохол и ги запалил.
Смртно настрадаа седум деца и еден воспитувач, а повредени над 20 лица.
Повредени се воглавно деца меѓу четири и пет години.
Сантос по нападот се самозапалил и починал во болницата како последица од здобиените повреди. Во тек е истрагата за овој настан.
Локалните медиуми наведуваат дека Сантос бил отпушен минатиот месец поради здравствени причини. Нападот се случил кога во градинката донел здравствен извештај.
Прогласена е седумдневна жалост на подрачјето Жанауба, каде што се случи нападот.