Zeynep Katre Oran
12 Септември 2024•Ажурирај: 13 Септември 2024
АНКАРА (АА) - Американскиот весник „Вашингтон пост“ откри дека турско-американската државјанка, активистката Ајшенур Езги Ејги, е застрелана на демонстрации одржани на Западниот Брег, кога судирот што избувнал по острата интервенција на израелските безбедносни сили врз демонстрантите се смирил и демонстрантите се повлекле, пренесува Анадолу.
Во веста што ја објави „Вашингтон пост“ во врска со смртта на Ејги, анализирани се изјавите на 13 очевидци, жители на градот Бејта и странски активисти, како и повеќе од 50 видеоматеријали и фотографии обезбедени специјално од Меѓународното движење за солидарност (ISM), во кое Ејги работела како волонтер, и „Faz3a“, невладината организација која ја поддржува Палестина.
Спротивно на изјавата на израелската Армија дека Ејги „ненамерно била застрелана за време на насилен конфликт“, во веста се наведува дека Ејги била застрелана приближно 20 минути по оддалечувањето на демонстрантите на повеќе од 200 метри од безбедносните сили откако се смириле страстите по расправијата што настанала како резултат на суровата интервенција на израелските сили.
- Детали добиени од очевидци за моментот кога е убиена Ејги -
Во веста во која се наведува дека израелските војници употребиле солзавец при нивната сурова интервенција врз палестинските демонстранти на денот на убиството на Ејги, се додава дека војниците интервенирале со вистински куршуми на антиокупациските демонстрации.
Израелскиот активист Џонатан Полак вработен во „Faz3a“ рекол дека по повлекувањето на демонстрантите и смирувањето на тензиите средината 20 минути била „релативно мирна“.
Истакнувајќи дека растојанието меѓу нив и израелските војници на покривот од една куќа било нешто повеќе од 200 метри, Полак рече дека Ејги се наоѓала на околу 30 метри подалеку, и додаде дека се сеќава дека еден од војниците го вперил оружјето кон демонстрантите.
Полак раскажа дека видел како излегол оган од цевката и слушнале два истрели.
Хелен, австралиска волонтерка во нејзините рани 60-ти, која била со Ејги во текот на целиот ден, нагласила дека откако ги слушнала истрелите, видела како Ејги паднала со лицето кон земјата.
Од друга страна, израелската Армија одби да одговори на прашањата на „Вашингтон пост“ за тоа зошто војниците пукале кон демонстрантите толку подоцна откако тие се повлекле и кога биле на далечина од која не претставувале очигледна закана.
- Убиството на Ејги -
Турско-американската државјанка Ајшенур Езги Ејги (26) беше застрелана во главата и почина од куршум истрелан од израелски снајперист за време на демонстрациите одржани во местото Бејта, во подрачјето на градот Наблус, на окупираниот Западен Брег на 6 септември.
Во изјавата во врска со убиството на Ејги, израелската Армија тврди дека Ејги „можно е да е ненамерно застрелана“ како резултат на истрел од израелските војници и дека израелскиот војник кој ја застрелал Ејги „во овој момент сакал да цели кон друг демонстрант“.