Rahmi Gündüz
07 Септември 2016•Ажурирај: 07 Септември 2016
ПАРИЗ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Франција, Бернар Казенев рече дека оваа година е намален бројот на француски државјани кои заминуваат во странство за да се борат од страната на терористичката организација ДАЕШ, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата што се одржа во просториите на Министерството, Казенев рече дека во првите шест месеци од 2016 година, само 18 француски државјани заминале да се борат во редовите на ДАЕШ. Во истиот период минатата година, оваа бројка изнесувала 69, истакна Казенев и додаде: „Последнава година значително е намален бројот на Французи кои заминуваат во странство за да се борат во редовите на ДАЕШ“.
Според податоците на Министерството за надворешни работи, бројот на Французи кои се борат во редовите на ДАЕШ изнесува 689 лица. Од нив, 275 се жени на возраст под 17-18 години. Повторно според податоци од Министерството, досега повеќе од 900 Французи се обиделе или се во подготовка да му се придружат на ДАЕШ.
Минатата година францускиот Парламент воведе закон според кој, на секој што се подготвува да им се придружи на терористичките организации во странство, државата има право да му ги конфискува пасошот и документите за лична идентификација. Претходно беше воведен друг закон, според кој лицата што заминуваат во странство за да се борат во редовите на терористичките организации ќе бидат осудени на тешки затворски казни.