Elvir Hocic
25 Мај 2017•Ажурирај: 25 Мај 2017
КИЕВ (АА) - Националната хероина, воената пилотка и претставничка во украинскиот Парламент, Надежда Савченко, најави дека ќе се кандидира на претседателските избори што во Украина ќе се одржат во 2019 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Подготвена сум да преземам одговорност за државата и да се кандидирам за претседателка. Мојата политичка опција ќе учествува и на парламентарните избори“, изјави Савченко во интервју за полскиот весник „Krytyka Polityczna“ (Политички критики).
Во април оваа година, во Украина е основана нова политичка партија, Јавна и политичка платформа на Надежда Савченко, а самата Савченко изјави дека тоа не е политичка партија во класична смисла на тој збор, туку дека е платформа којашто може да го промени постоечкиот политички систем во Украина.
Таа изјави дека новата политичка опција ја основа бидејќи во постоечката не се гледа себеси и не сака да го повтори претходното искуство кога ја напушти партијата на Јулија Тимошенко.
Актуелниот претседател на Украина, Петро Порошенко, сѐ уште не се изјасни за можната кандидатура на наредните избори. Тој овој месец изјави дека сѐ уште е рано да размислува за претстедателските избори кои ќе бидат одржани на 31. мај 2019 година.
Како членка на партијата „Batkivshchyna“ (Татковина), Савченко на парламентарните избори во 2014 година стана парламентарна претставничка, но во октомври 2016 година ја напушти партијата и стана независна претставничка.
Савченко беше уапсена во јуни 2014 година во Русија, по обвинението дека е вмешана во убиството на двајца новинари и неколкумина цивили, како волонтер во украинскиот воздушен баталјон, додека таа на судењето повтори дека е невина и дека како украински офицер има право да ја брани својата татковина.
Судот во рускиот град Ростов, во март 2016 година ја прогласи за виновна и ја осуди на 22 години затвор. Во Украина се врати во мај минатата година, откако рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет за нејзино помилување.
По доаѓањето во Киев, украинскиот претседател Порошенко ја одликуваше Савченко со највисок државен орден „Херој на Украина“.