Barış Seçkin
05 Јуни 2016•Ажурирај: 06 Јуни 2016
РИМ (АА) - Група од 250 мигранти, спасени по бродоломот кој се случи во близина на грчкиот остров Крит, доцна синоќа беа донесени на пристаништето во Аугуста во Италија, Сицилија, јавува Anadolu Agency (AA).
Брод со мигранти пред два дена потона во Средоземното Море на околу 70 милји од брегот на грчкиот остров Крит, а со договорот на грчката и италијанската крајбрежна патрола, спасените мигранти беа транспортирани доцна синоќа на Сицилија.
Спасувачките екипи сè уште трагаат во подрачјето на бродоломот во близина на Крит, а италијанското обвинителство во Сиракуза започна истрага за потонатиот брод со цел да утврди дали станува збор за брод на криумчари на луѓе.
Меѓународната организација за миграции (ИОМ) истакна дека на потонатиот брод долг 25 метри имало над 700 лица, што е многу над капацитетот на овој тип на брод. Тоа е наведено како можна причина за потонувањето на бродот, во кој според италијанските медиуми исчезнале поголем број мигранти.
Паралелно со ова, на италијанското пристаниште Фоџа со спасувачки брод се донесени 360 мигранти кои тимот на италијанската морнарица ги спаси вчера во Средоземното Море. Мигрантите се по потекло од Судан, Сомалија, Египет и Еритреја а пловеле кон Италија од Александрија, Египет.