Ali Murat Alhas
07 Јануари 2020•Ажурирај: 08 Јануари 2020
ИДЛИБ
Во текот на изминатите денови, над 31.000 цивили го напуштија северозападниот сириски град Идлиб и се засолнија во близина на сириско-турската граница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Директорот на Координативната група за одговор на Сирија, Мохамад Халај, изјави дека новиот бран бегалци се случил во текот на изминатите четири дена кога терористичките групи поддржани од режимот на Асад, Русија и Иран извршија напади во градот Маарат ал Нуман и другите околни села.
Бројот на лицата кои побараа засолниште во близина на турската граница се зголеми на 359.471, откако режимот и руските сили започнаа со напади на почетокот на ноември 2019 година.
Постои страв дека уште 250.000 цивили можат да бидат раселени доколку нападите се интензивираат во јужниот дел на Идлиб, при што може да дојде до голем прилив на бегалци кон Турција и Европа.
Како последица на зголемената раселена популација, камповите во Идлиб не можат да ги задоволат потребите на Сиријците бидејќи не постои доволно простор да се постават уште шатори. На илјадници семејства во моментот им е потребна хуманитарна помош.
Во септември 2018 година Турција и Русија се согласија да го претворат Идлиб во деескалациска зона во која актите на агресија се забранети.
Оттогаш, повеќе од 1.300 цивили се убиени во нападите од страна на режимот и руските сили во деескалациската зона, при што прекинот на огнот продолжува да биде прекршен.
Над милион Сиријци се преселија во близина на турската граница како последица на интензивните напади во текот на минатата година.
Според Националната коалиција за сириски револуционерни и опозициски сили, во покраината Идлиб живеат околу 3 милиони цивили, од кои 75 отсто од нив се жени и деца.
По избивањето на крвавата граѓанска војна во Сирија во 2011 година, Турција прими 3,7 милиони Сиријци кои избегаа од својата земја, со што Турција е прва земја во светот која е домаќин на бегалците.
Анкара досега потроши 40 милијарди американски долари за бегалците, според официјалните бројки.