Bedrudin Brlyavac
02 Ноември 2018•Ажурирај: 03 Ноември 2018
ЛОНДОН (AA) - Организацијата „Save the Children Iceland“ оваа недела на Исланд по втор пат ќе организира ден без телефони, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претставниците на оваа невладина организација во разговор со новинарите рекоа дека очекуваат на оваа иницијатива да се приклучат што поголем број граѓани и времето без телефони да го поминат што поквалитетно и покреативно со семејството и пријателите.
Додадоа дека очекуваат сите оние кои сакаат да учествуваат во недела од 9 до 21 часот никако да не користат телефони.
Нагласија дека ваквата и сличните иницијативи сигурно можат да им помогнат на граѓаните да одвојат што повеќе време за дружење и одмор во кругот на семејството и пријателите.
Менаџерката на „Save the Children Iceland“, Ерна Рејнисдотир, на новинарите им рече дека првата акција привлекла големо внимание кај граѓаните, поради што одлучиле да ја повторат.
„Многу луѓе ни кажаа дека нивните деца биле пресреќни и дека повторно сакаат да го поминат денот на ист начин. Тоа, всушност, ни говори дека секогаш мораме да бидеме свесни дека не смееме да дозволиме нашите телефони да го попречуваат нашето дружење и времето поминато со нашите семејства“, рече Рејнисдотир.
Од „Save the Children Iceland“ рекоа дека подготвиле и пригодни награди за граѓаните што се регистрираат на нивната интернет-страница и кои неделата ќе ја поминат без телефони во кругот на семејството и пријателите.
Рејнисдотир порача дека е многу важно родителите на своите деца да им покажат дека се спремни поради нив да ги остават телефоните и да поминуваат повеќе време заедно во пригодно дружење.
„Научете ги децата дека ние ги контролираме уредите, а не тие нас“, рече Рејнисдотир.