Ahmed Asmar
23 Мај 2024•Ажурирај: 24 Мај 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - На видеоснимка денес е прикажано како израелски војник фрла примерок од муслиманската света книга Куран во оган во Појасот Газа, јавува Анадолу.
На видеоснимката која ја прикажа Израелското армиско радио се гледа војник како ја фрла муслиманската книга во оган.
Не беа соопштени детали за тоа кога и каде точно се случил инцидентот.
Армиското радио соопшти дека израелската армија започнала истрага за инцидентот.
Од избувнувањето на војната во Газа израелските војници објавуваат видеа од грабежи, палење и уништување домови, напади врз затвореници и пишување графити со омраза на ѕидовите на куќите.
Израелската армија не најави мерки против војниците, само рече дека нивните акции „се спротивни на вредностите на армијата“.
Израел продолжи со својата брутална офанзива врз Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.
Повеќе од 35.700 Палестинци се убиени во Газа, огромно мнозинство се жени и деца, а речиси 80.000 се повредени од октомври минатата година по нападот на Хамас.
По повеќе од седум месеци по почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а постои блокада за храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди да се погрижи неговите сили да не вршат акти на геноцид и да преземат мерки за да гарантираат дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.