Dildar Baykan
31 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Бегајќи од прогонот што се спроведува во Мјанмар, араканските муслимани со чамци или со бротчиња мигрираат до соседен Бангладеш. Утрово се преврте еден таков брод, а во несреќата загинаа четири лица, од кои три се деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Според вестите објавени во медиумите во Бангладеш, утрово во Бенгалскиот Залив се преврте брод којшто превезуваше аракански муслимани кон Бангладеш.
Официјален претставник на власта во Бангладеш соопшти дека во несреќата животот го загубија четири лица, и додаде дека полицијата, крајбрежната стража и противпожарната служба успеале да спасат 23 лица.
Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (IOM), преку својот профил на социјалните мрежи соопшти дека три од лицата што загинаа во несреќата се деца.
Араканските мусимани се обидуваат со бротчиња да преминат во Бангладеш, преку реката Наф и Бенгалскиот Залив. Поради лошите временски услови или преоптовареноста на чамците и бротчињата, тие често се превртуваат.
- Етничко чистење на араканските муслимани -
Под изговор борба против милитантните групи, од 25 август досега, мјанмарската војска спроведува напади врз цивилното население. Во овие напади животот го загубија илјадници цивили муслимани. Поради фактот што во подрачјето што е изложено на напади од страна на мјанмарската војска нема претставници на меѓународните организации, не може да се одреди точната бројка на настраданите цивили.
Во нападите, кои се претворија во етничко чистење, мјанмарската војска и будистичките милитанти запалија и уништија околу 300 села. Повеќе од 600.000 муслимани преку шумските предели, по реката Наф или по морски пат мигрираа во Бангладеш. Десетици илјади цивили сѐ уште бараат патишта по коишто би избегале во Бангладеш.
Се претпоставува дека во 1970 година во Аракан живееле околу 2 милиони муслимани. По систематските напади коишто со години се вршат врз ова муслиманско население во Аракан, денеска на таа територија живеат помалку од 200.000 муслимани.