Pizaro Gozali Idrus
06 Април 2021•Ажурирај: 07 Април 2021
ЏАКАРТА (АА) - Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP) соопшти дека во Мјанмар од 1 февруари, кога е извршен воениот удар, убиени се најмалку 570 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
До 5 април, за 570 лица е потврдено дека ги убила воената хунта. Вкупно 2.728 лица се во притвор, додека 38 од нив се осудени, наведе Здружението.
Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP) извести дека насилната акција и понатаму продолжува против демонстрантите во градот Пинлебу во северозападниот регион Сагаинг. Вчера беа приведени двајца студенти, убиено е едно лице, а Војската приведе двајца ранети цивили.
„Пукано е врз голем број луѓе, кои барале пуштање на двајцата приведени студенти“, додадоа од Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP).
Покрај тоа, воените сили приведоа уште неколку демонстранти и извршија претрес на нивните домови.
Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP) соопшти и дека се проверуваат моторите и автомобилите на патиштата и дека доколку мобилните телефони на патниците се со налепници и фотографии против воената диктатура, тие се приведуваат.
Мјанмарската Војска на 1 февруари оваа година изврши воен удар и ја презеде власта во земјата под изговор дека ноемвриските избори биле нерегуларни. Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Владата, вклучувајќи ја и мјанмарската лидерка Аунг Сан Су Чу.
Масовните протести против воениот удар започнаа на 6 февруари, а воената хунта одговори со репресивни интервенции.