Ömer Faruk Yıldız
15 Март 2021•Ажурирај: 15 Март 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Најмалку 38 лица загинаа при вооружената интервенција на безбедносните сили врз протестите против пучот одржани вчера во Мјанмар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Организацијата за помош на политички уапсените лица во Мјанмар (AAPP) се истакнува дека на протестите одржани вчера во многу области во земјата војската и полицијата интервенирале со вистински куршуми.
Според податоците објавени од AAPP на социјалните мрежи денес, најмалку 38 демонстранти биле убиени во текот на еден ден.
Ѕај Пхјо, еден од водачите на протестите, за дописникот на АА изјави дека најмалку 500 армиски лица се распоредени за да ги растераат демонстрантите во Јангон:
„Во околината имаше многу малку полиција, генерално војниците интервенираа на протестите“, рече Пхјо.
Изјавувајќи дека војниците користеле герилска тактика за да ги растераат невооружените демонстранти, Пхјо рече: „Тие ги опколија демонстрантите со мотоцикли и отворија оган врз луѓето. Затоа имаме толку многу жртви.“
Вчера беше најкрвавиот ден на протестите, од пучот на 1 февруари.
Од друга страна, поранешната министерка за надворешни работи на Мјанмар и де факто лидер на земјата, Аунг Сан Су Чу, која беше притворена пред пучот, се очекува денеска повторно да се појави пред воениот суд.
- Воен удар во Мјанмар -
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.