Asiye Latife Yılmaz
02 Јули 2025•Ажурирај: 03 Јули 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Демократскиот кандидат за градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, остро ја осуди заканата од американскиот претседател Доналд Трамп за негово апсење и депортација, нарекувајќи ја изјавата „напад врз нашата демократија“ и вети дека нема да подлегне на заплашувањата, јавува Анадолу.
„Претседателот на Соединетите Американски Држави штотуку ми се закани дека ќе ме уапси, ќе ми го одземе државјанството, ќе ме смести во логор и ќе ме депортира. Не затоа што сум прекршил некаков закон, туку затоа што ќе одбијам да дозволам ИЦЕ (агенти за имиграција и царинска контрола) да го тероризираат нашиот град“, напиша Мамдани на X, осврнувајќи се на неодамнешната контроверзна акција на ИЦЕ против нелегалните мигранти.
Мамдани рече дека изјавите на претседателот претставуваат не само напад врз демократијата туку и предупредување до секој њујорчанец што одбива да молчи, додавајќи: „Ако проговорите, ќе дојдат по вас. Ние нема да го прифатиме ова заплашување.“
Мамдани живее во САД од својата седма година, а американско државјанство добил во 2018 година.
Претходно Трамп го нарече Мамдани „целосен лудак“. На средбата за имиграциска политика на Флорида, кога беше прашан за ставовите на Мамдани против ИЦЕ, Трамп одговори: „Тогаш ќе мора да го уапсиме.“
Трамп веќе долго време повикува на апсење на политичките противници, меѓу кои и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, без јасно образложени обвиненија.
Администрацијата на Трамп спроведува засилени мерки против нерегуларните мигранти, а неодамна беше наредено приоритетно да се разгледуваат случаите за одземање на државјанството на натурализираните граѓани под сомнение за кривични дела.
Минатата недела Мамдани го победи поранешниот гувернер на Њујорк, Ендру Куомо, на демократските прелиминарни избори, а победата беше официјализирана по пребројувањето на рангираните гласови.
Со тоа тој е на пат да стане прв муслимански градоначалник на Њујорк.
Иако градот е силно ориентиран кон Демократската партија, Мамдани може да се соочи со независна кандидатура од страна на Куомо или актуелниот градоначалник Ерик Адамс, кој се кандидира за реизбор.
Изборите за градоначалник на Њујорк се закажани за 4 ноември.
Мамдани е истакнат поддржувач на Палестина и гласен критичар на Израел. Додека студирал, бил коосновач на огранокот на организацијата „Студенти за правда во Палестина“, а во 2023 година учествувал во штрајк со глад пред Белата куќа барајќи прекин на огнот во Газа.