Kaan Bozdoğan
04 Јуни 2019•Ажурирај: 05 Јуни 2019
ИСТАНБУЛ (AA) – Муслиманите низ светот денес го одбележуваат Рамазанскиот бајрам, еден од двата најголеми исламски празници, а џамиите низ светот беа мали да ги примат сите верници, поради што и нивните хареми и дворови беа исполнети со верниците, јавува Anadolu Agency (AA).
Рамазанскиот бајрам е тридневен празник кој го одбележува крајот на рамазанскиот пост. Празникот започна со клањање на бајрам намаз во џамиите, од каде што верниците се упатија кон своите домови, со цел времето да го поминат во кругот на семејството и најблиските.
Во Турција утрово сите џамии беа исполнети со верници, вклучувајќи ја и неодамна отворената најголема џамија во таа земја, „Чамлиџа“.
Намазот во „Чамлиџа“ на истоимениот истанбулски рид го предводеше шефот на Управата за верски работи на Турција, Али Ербаш, а меѓу десетици илјади верници беше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Муслиманите денес Рамазанскиот бајрам го прославуваат и во Русија, Германија, Австрија, Шведска, Швајцарија и во остатокот од Европа и светот.
Во различни краеви на светот и меѓу етничките групи постојат различни традиционални обичаи својствени за бајрамските празници, кои го збогатуваат овој верски празник.
Бајрам е можност луѓето да се посетуваат едни со други, а особено на овој празник му се радуваат најмладите, кои додека трае празникот, добиваат подароци.