Elena Teslova
19 Ноември 2022•Ажурирај: 20 Ноември 2022
МОСКВА (АА) - Русија во саботата ја осуди одлуката на Полска да не му издаде виза на министерот за надворешни Сергеј Лавров за да може да учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) следниот месец, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Русија остро го критикуваше полското претседавање со ОБСЕ, изјавувајќи дека Варшава сторила сè за да ги уништи столбовите на групата и да ги наруши принципите на консензусот на ОБСЕ.
„Поголемиот број клучни настани ОБСЕ ги откажа или ги одржа во ‘сурогат’ формат, немајќи консензус, ја поткопуваат агендата, прекршени се правилата и процедурите и владее хаос во раководните тела на ОБСЕ“, се наведува во соопштението.
Руското Министерство додаде дека Варшава ја покажала својата неспособност да управува со таква одговорна позиција, дискредитирајќи се себеси и „нанесувајќи непоправлива штета на кредибилитетот на организацијата во целина“.
„Главните институции на ОБСЕ се претворија во фарса, очигледно не размислувајќи дали ќе биде возможно да се вратат во нормала“, наведува руското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се вели дека одлуката на Полска е провокативна и без преседан.
Состанокот на министрите на надворешни работи на ОБСЕ е закажан за 1 и 2 декември во Лоѓ, Полска.
Односите меѓу Полска и Русија дополнително се затегнаа по руската инвазија на поранешната советска држава Украина, по што милиони украински бегалци пристигнаа во Полска, која е поранешна членка на Варшавскиот пакт.
Минатата недела украински проектил падна на територијата на Полска, усмртувајќи две лица. Проектилот најверојатно бил испукан поради заштита од руските воздушни напади, а Западот за инцидентот ја обвини Русија.