Ali Cura
21 Октомври 2020•Ажурирај: 22 Октомври 2020
МОСКВА (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, во Москва оствари одделни средби и за ситуацијата во Нагорно Карабах разговараше со шефовите на дипломатија на Азербејџан и Ерменија, Џејхун Бајрамов и Зохраб Мнацаканјан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека Лавров вчера се состанал со ерменскиот колега Мнацаканјан, а денеска и со азербејџанскиот колега Бајрамов.
Во соопштението се наведува дека средбите следувале по неодамнешните телефонски разговори на рускиот претседател Владимир Путин со азербејџанскиот претседател Илхам Алијев и ерменскиот премиер Никола Пашинјан.
„На состаноците е разговарано за итните потези поврзани со имплементацијата на претходно договореното хуманитарно примирје и пронаоѓање на одржливо решение за прашањето во врска со Нагорно Карабах“, се наведува во соопштението.
Ерменија и Москва на 10 октомври во Москва постигнаа договор за воспоставување на хуманитарно примирје со цел размена на заробениците и телата на убиените.
Ерменската војска примирјето го прекрши само неколку часа подоцна, кога во ракетниот напад во градот Ганџа уби 10, а рани 35 цивили.
Ерменските сили на 15 октомври извршија напад на мештани од азербејџанскиот град Тертер кои беа на погреб, при што се убиени четворица цивили, и уште толку се ранети.
Во новиот ракетен напад врз Ганџа, ерменските сили минатата недела убија 13, ранија повеќе од 50 цивили, а потоа делегациите на Азербејџан и Ерменија во Москва повторно договорија примирје кое на сила стапи на 18 октомври.
Азербејџанските власти веќе наредното утро соопштија дека ерменската страна повторно не го почитува примирјето и дека извршува напади врз Џебраил и другите населби кои азербејџанската војска ги ослободи по тридецениската ерменска окупација.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските сили.