Ikrame Imane Kouachi
28 Јули 2024•Ажурирај: 29 Јули 2024
БЕЈРУТ (АА) - Мисијата на Обединетите нации (ОН) во Либан во неделата предупреди на „поширок пожар“ меѓу Израел и Хезболах по ракетниот напад врз градот Мајдал Шамс во окупираната Голанска Висорамнина, известува Анадолу.
Во заедничка изјава, Специјалниот координатор на Обединетите нации за Либан (УНСКОЛ) Жанин Хенис-Плашерт и шефот на Привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), генерал Аролдо Лазаро Саенз, ја осудија смртта на цивилите, мали деца и тинејџери, во Мајдал Шамс.
Тие ги повикаа страните да покажат максимална воздржаност и да престанат со засилената размена на оган и додадоа:
„Тоа би можело да запали поширок пожар што ќе го зафати целиот регион“.
Израелските власти соопштија дека најмалку 12 лица загинале, а 35 се повредени кога ракета паднала на фудбалско игралиште во градот Мајдал Шамс во кој живеат Друзи, во северната Голанска Висорамнина.
Израел го обвини Хезболах за нападот, но либанската група ја отфрли одговорноста.
Тензиите долж границата на Либан со Израел се зголемија поради прекуграничните напади што се одвиваат меѓу Хезболах и израелските сили, во време додека Тел Авив ги продолжува своите брутални напади со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа, во кои се убиени речиси 39.300 луѓе од 7 октомври минатата година.