Handan Kazancı
25 Ноември 2022•Ажурирај: 26 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Мировниот состанок помеѓу Азербејџан и Ерменија планиран за следниот месец е откажан поради инсистирањето на Ерменија да ја вклучи Франција, изјави денеска азербејџанскиот претседателот Илхам Алиев, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Планираната средба за 7 декември со ерменскиот премиер Никол Пашинјан во Брисел нема да се одржи“, изјави Алиев на конференција во главниот град Баку.
Како што истакна, Пашинјан рекол дека Ерменија ќе учествува на состанокот само доколку во преговорите учествува и францускиот претседател Емануел Макрон, инсистирање што Алиев го окарактеризира како „обид за нарушување на мировните преговори“.
Алиев рече дека Хикмет Хаџиев, неговиот помошник и шеф за надворешна политика, вчера [четврток] му соопштил дека имале повик од канцеларијата на претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, во кој е пренесено барањето на Пашинјан на состанокот да биде вклучен Макрон.
Азербејџанскиот претседател изјави дека само една недела пред состанокот во Прага, Макрон го критикувал Азербејџан во интервју, обвинувајќи го за работи што тој (Азербејџан) не ги направил.
„Потоа беше усвоен целосно неприфатливиот и навредлив Предлог-закон на францускиот Сенат“, рече Алиев, додавајќи дека се очекува француското Национално собрание „да усвои уште еден антиазербејџански Предлог-закон“.
Минатата недела Азербејџан ја отфрли резолуцијата на францускиот Сенат со која се повикува на санкции против Баку и негово повлекување од територијата ослободена од ерменската окупација во 2020 година.
„Потоа имаше француски обид на напаѓање преку Самитот на Франкофонијата [во Тунис]. Ова е неприфатливо бидејќи Франкофонијата е хуманитарна организација“, додаде Алиев.
Минатата недела, азербејџанските претставници го напуштија Самитот на франкофонски држави поради „искривените и провокативни изјави“ против Азербејџан во Предлог-декларацијата на Самитот.
Истакнувајќи дека прелиминарна верзија на францускиот Предлог-закон, „подготвена заеднички од Франција и Ерменија“, е „полна со обвинувања и фабрикации“, Алиев рече дека оваа јасна пристрасност го прави невозможно вклучувањето на Париз во преговорите.
„Ова е нивна вина, не наша. Затоа што ниту САД, ниту пак Русија некогаш биле официјална страна [во конфликтот]“, додаде тој.
Алиев нагласи дека барањето на Ереван за вклучување на Франција во преговорите „значи дека состанокот на 7 декември нема да се одржи“ и дека Баку ќе земе предвид „други алтернативи“.
„Да видиме кој ќе ја преземе улогата на посредувач и во рамките на која платформа“, додаде азербејџанскиот претседател.
Откако со посредство на Русија беше постигнат договор за ставање крај на војната помеѓу Ерменија и Азербејџан есента 2020 година за регионот Карабах, трите земји се согласија за развивање на економските односи и инфраструктурата во корист на целиот регион.
Во текот на војната во 2020 година Азербејџан ослободи неколку градови и речиси 300 помали населени места во регионот на Карабах кои беа под окупација на Ерменија речиси три децении.