Şerife Çetin
01 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за надворешни работи на 29-те земји членки на НАТО ќе се состанат во Вашингтон, Соединетите Американски Држави (САД), по повод 70-годишнината од Сојузот, јавува Anadolu Agency (AA).
Министрите за надворешни работи на 3 и 4 април во Вашингтон ќе разговараат за прашањата поврзани со Русија, Авганистан, борбата против тероризмот и споделувањето на одговорностите.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, давајќи информации за средбата, истакна дека министрите за надворешни работи ќе присуствуваат на првиот ден од сесијата која ќе се одржи во Конгресот на САД, каде што ќе одржи говор во името на Алијансата.
Столтенберг нагласи дека сојузниците во среда ќе се сретнат во аудиториумот „Мелон“, каде што беше потпишан Северноатлантскиот договор во 1949 година. „Тоа ќе биде можност да се одбележат 70 години мир и просперитет“, истакна Столтенберг.
- Главната агенда, односите со Русија -
Столтенберг рече дека министрите за надворешни работи во четврток ќе разговараат за односите со Русија.
Истакнувајќи дека Русија продолжува да го прекршува Договорот за нуклеарни сили од среден опсег (INF), нагласи: „Русија не ги зема предвид нашите повици за исполнување на обврските од Договорот. Времето истекува, затоа тука ќе се разговара за чекорите што ќе ги преземе НАТО“.
„НАТО е загрижен од агресивниот став на Русија“, истакна Столтенберг, додавајќи дека на состанокот ќе се разговара и за тензиите во Азовското Море.
Столтенберг рече дека очекува сојузниците да преземат мерки за подигнување на ситуационата свест во Црното Море и да ја зголемат својата поддршка за Грузија и Украина.
- Борба против тероризмот -
Столтенберг изјави дека во продолжение на седницата ќе се дискутира за напорите на НАТО во борбата против тероризмот, а во тие рамки и за ситуацијата во Авганистан.
„Ние сме заедно во Авганистан и заедно ќе донесеме одлуки за нашето идно присуство“, рече Столтенберг.
Тој додаде дека во НАТО има единство во борбата против ДЕАШ и потсети дека Алијансата со мисијата за обука во Ирак работи за да се спречи враќањето на терористичката организација.
- Споделување на одговорностите -
Нагласувајќи дека министрите за надворешни работи ќе го затворат состанокот со дебатата за споделувањето на одговорностите, Столтенберг рече: „Со години го намалувавме буџетот за одбраната за милијарди долари. Сега го зголемуваме за милијарди долари.“
Истакнувајќи дека сојузниците во НАТО започнале „повеќе и подобро да инвестираат во одбраната“, нагласи: „Но, мораме да направиме повеќе и не смееме да ја изгубиме динамиката до која стигнавме“.