Associated Press
14 Ноември 2024•Ажурирај: 15 Ноември 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Самоубиствата во американската војска се зголемија минатата 2023 година, продолжувајќи го долгорочниот тренд што Пентагон се обидуваше да го ублажи, изјавија високи претставници на одбраната, пренесува Анадолу.
Секретарот за одбрана Лојд Остин го постави ова прашање како приоритет, а највисоките претставници во Министерството за одбрана и во службите работеа на развивање програми за зголемување на помошта за менталното здравје на војниците и зајакнување на образованието за безбедноста со оружјето.
Меѓутоа, многу програми не се целосно имплементирани, а тие потези не ги исполнуваат подрастичните мерки за безбедност на оружјето препорачани од независната комисија.
Во 2023 година биле пријавени 523 самоубиства, наспроти 493 во 2022 година.
Во истиот период, бројот на самоубиства на активни војници порасна од 331 на 363.
Официјалните претставници рекоа дека самоубиства најчесто извршуваат млади, машки војници. И повеќето од нив користат огнено оружје.
На почетокот на минатата година, независниот комитет препорача Министерството да воведе низа безбедносни мерки за намалување на самоубиствата, вклучително и периоди на чекање за купување огнено оружје и муниција од страна на припадниците на војската на воен имот.
Комисијата соопшти дека одделот треба да ја зголеми минималната возраст за припадниците на војската кои би можеле да купат оружје и муниција на 25 години и да бара од сите што живеат во воени станови да го регистрираат огненото оружје во приватна сопственост.