Yusuf Hatip
21 Август 2019•Ажурирај: 22 Август 2019
БРИСЕЛ (АА) - Пет земји членки на Европската Унија (ЕУ) се подготвени да ги прифатат мигрантите кои 19 дена се наоѓаат на бродот на шпанската невладина организација „Проактива опен армс“ (Open Arms), јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на Европската комисија, Тове Ернст, соопшти дека мигрантите на „Опен армс“ ќе ги прифатат Шпанија, Франција, Германија, Луксембург и Португалија.
Ернст појасни дека распределбата на мигрантите во овие земји ќе потрае неколку дена, но дека Европската комисија ќе стори сè што може за да ја забрза процедурата.
Бродот на невладината организација „Проактива опен армс“ на почетокот на месецот во Средоземното Море спаси 160 непријавени мигранти и побара дозвола за усидрување во Италија, односно во Малта. Двете земји го отфрлија предлогот.
Претходно се евакуирани мигрантите на кои им беше потребна итна медицинска помош и децата, а синоќа на бродот се наоѓале вкупно 89 мигранти.