Ruslan Rehimov
19 Јули 2017•Ажурирај: 20 Јули 2017
БАКУ (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, изјави дека проблемот во Нагорно Карабах мора под итно да биде решен во согласност со меѓународните правни норми и со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Азербејџан. За таа цел, тој упати повик до меѓународната заедница да биде поактивна на тоа поле, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Баку денес се одржа четвртиот трилатерален состанок на министрите за надворешни работи на Турција, Азербејџан и Туркменистан, Мевлут Чавушоглу, Елмар Мемедјаров и Расид Мередов. Претходно, тројцата министри одржаа билатерални средби, а на заедничкиот состанок потпишаа и задничка изјава во којашто се истакнува одлучноста на трите земји заеднички да дејствуваат во меѓународните тела, со цел да се надмине повеќедецениската криза во Нагорно Карабах.
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, по состанокот изјави дека средбата била можност да се разговара за унапредување на меѓусебните и регионалните односи и да се искористи важната геополитичка положба на трите земји.
„Во наредниот период ќе направиме низа важни чекори за зголемување на трговската размена и соработката во царинските и транспортните работи. Денес со пробно возење започнува железниката линија на завршениот проект Баку – Тбилиси – Карс. До есен очекуваме да тргнат и редовни линии по таа железничка пруга“, изјави Чавушоглу.
Тој рече дека унапредувањето на соработката и на полето на енергетиката е од големо значење. Шефот на турската дипломатија додаде дека низа одлуки ќе бидат донесени на самитот на лидерите на трите земји, кој до крајот на годината треба да се одржи во Туркменистан.
Чавушоглу потсети дека во напад на ерменските сили на почетокот од месецов во Нагорно Карабах се убиени двајца цивили, и истакна дека Ерменија треба да ја прекине практиката на такви предизвикувачки потези и да се однесува во рамките на меѓународното право.
„Уште еднаш потсетуваме дека Ерменија мора да се повлече од окупираната азербејџанска територија. Турција секогаш е со Азербејџан и е подготвена да даде секаков вид на помош“, порача Чавушоглу.
Министерот за надворешни работи на Азербејџан, Мемедјаров, изјави дека наредната година ќе биде активиран проектот за гасовод и оти Туркменистан покажал голем интерес за тоа.
Тој истакна дека наредната година во Турција ќе бидат доставени 6 милијарди кубни метри гас, а една година подоцна би требало до Италија да пристигнат 10 милијарди кубни метри гас.
Шефот на туркменистанската дипломатија, Мередов, рече дека за трите земји е важно постојано да работат на интензивирање на меѓусебната и регионалната соработка.