Evren Aydemir
29 Август 2017•Ажурирај: 30 Август 2017
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека ЕУ стои зад ветувањето што ѝ го даде на Турција во рамките на договорот за решавање на бегалската криза, дека во оваа земја ќе бидат испратени 3 + 3 милијарди евра за помош на бегалците, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел одржа прес-конференција денес во Берлин, при што одговараше на прашањата од новинарите во врска со внатрешната и надворешна политика на Германија.
На прашањето во врска со односите меѓу ЕУ и Турција, Меркел изјави дека ЕУ стои зад ветувањето што ѝ го даде на Турција, кога е во прашање договорот за бегалците.
„ЕУ ги исполнува своите ветувања во врска со финансиската помош. Договорите за проекти за помош со ресурси од три милијарди евра се готови. Парите сѐ уште не се во потполност префрлени, но средствата за тоа се обезбедени. Откако ќе биде искористена помошта од три милијарди евра, ќе бидат обезбедени и дополнителни три милијарди евра“, изјави Меркел.
Кога е во прашање воспоставувањето безвизен режим за Турција, кој е еден од елементите на договорот меѓу Германија и Турција, Меркел изјави дека по тоа прашање сѐ уште не се исполнети условите, и дека сѐ уште постои разидување по прашањето на Законот за борба против тероризмот.
Во врска со последните случувања и високите тензии во односите со Турција, Меркел изјави: „Секако дека би сакала да имам подобри односи со Турција, но мораме да гледаме во реалноста“.
Меркел, која претходно порача дека ЕУ не би требало да влезе во преговори со Анкара околу модернизација на постоечката Царинска унија, се осврна и на ова прашање, потсетувајќи дека за почеток на преговорите потребна е едногласна одлука на земјите-членки на ЕУ.
„Секако, во ЕУ се во тек подготовките. Но, сметам дека не е возможно под моменталните услови да се добие дозвола за проширување на Царинската унија“, изјави Меркел.