Evren Aydemir
02 Мај 2018•Ажурирај: 03 Мај 2018
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека нејзината земја не сака да се откаже од постоечкиот нуклеарен договор со Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сепак, ние сме свесни дека постојат некои други проблеми со Иран. Прашањата како неговото политичко влијание во Сирија, програмата на балистички ракети и околу она што ќе се случи по завршувањето на некои делови од договорот. Ова прашање треба дополнително да се разгледа. Во рамките на Европската Унија (ЕУ), исто така постои заедничко мислење за оваа тема“, рече Меркел на прес-конференција по средбата со премиерот на Словачка, Петер Пелегрини, во Берлин.
Таа додаде дека Германија сака да го задржи договорот со Иран и да ја прошири неговата преговарачка рамка.

Премиерот Пелегрини рече дека за време на состанокот, исто така се разговарало за прашањето на бегалците и мигрантите.
„Утврдивме дека имаме различни ставови во врска со прашањето на миграциите. Сепак, решивме да бидеме во постојан контакт во рамките на состанокот на Европскиот совет за мигрантското прашање кое ќе се одржи во јуни“, изјави Пелегрини.
Тој додаде дека неговата земја ќе продолжи да ги извршува своите обврски кои ги наложува членството во ЕУ.
Посочи дека ја поканил германската канцеларка да ја посети Братислава наесен.
На состанокот, исто така се разговараше за кризата со САД во врска со прашањето за воведување царина и проектот за гасоводот „Северен ток 2“.