Saadet Firdevs Aparı
17 Јануари 2023•Ажурирај: 18 Јануари 2023
ЛОНДОН (АА) - Медицинските сестри во Англија и Велс најавија дека во февруари повторно ќе стапат во штрајк, барајќи повисоки плати поради порастот на трошоците за живот и инфлацијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на синдикатот на медицински техничари (RCN), кој брои повеќе од 300.000 членови низ цела Велика Британија, се наведува дека во февруари ќе биде одржан најголемиот штрајк досега.
Синдикатот порача дека доколку до крајот на јануари нема напредок во преговорите во Англија и Велс, штрајкот ќе се одржи на 6 и 7 февруари.
Освен тоа, медицинските сестри во Англија накратко ќе ја прекинат работата на 18 и 19 јануари во знак на протест.
Во Англија, Велс и Северна Ирска десетици илјади медицински сестри стапија во штрајк на 15 и 20 декември.
Синдикатот бара зголемување на платите за 19 отсто, но британската Влада смета дека ваквото барање не може да биде исполнето.