Servet Günerigök
14 Јуни 2023•Ажурирај: 15 Јуни 2023
ВАШИНГТОН (АА) - ЦИА ја предупредила Украина да не го напаѓа гасоводот „Северен тек“ минатото лето, откако примила разузнавачки податоци за украински заговор да ја уништи виталната енергетска врска меѓу Русија и Европа, се наведува во медиумскиот извештај објавен вчера, известува Анадолу.
„Волстрит журнал“, повикувајќи се на официјални лица запознаени со размената на податоци, објави дека ЦИА ѝ пренела на Украина порака во јуни, врз основа на известување од страна на разузнавачката служба на Холандија.
Според официјалните лица, и покрај тоа што предупредувањето го сфатила сериозно, ЦИА се посомневала во способноста на Украина да изврши таков напад, кој вклучува поставување експлозиви длабоко на дното во Балтичкото Море.
„Но на 26 септември, гасоводите се најдоа на нишан, иако Украина негираше каква било вмешаност во нападот“, се вели во извештајот.
Покрај тоа, се наведува дека холандските воени разузнавачи ја известиле ЦИА за планот на украинскиот диверзантски тим да изнајми јахта на брегот на Балтикот и да ангажира нуркачи за поставување експлозив покрај четирите цевки од гасоводот Северен тек 1 и 2.
„Вашингтон пост“ минатата недела објави дека ЦИА примила информации од една европска разузнавачка служба во јуни минатата година дека шестчлен тим на украинските сили за специјални операции планира да го саботира гасоводот.