свет

Медиуми: Американскиот амбасадор во Израел се сретна со осудениот шпион за Израел, Џонатан Полард

Тој изјави дека не жали што шпионирал за Израел, тврдејќи дека САД задржувале разузнавачки информации од Израел, а го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп како „луд човек што буквално нè продаде за саудиско злато“

Asiye Latife Yılmaz  | 21.11.2025 - Обновена : 21.11.2025
Медиуми: Американскиот амбасадор во Израел се сретна со осудениот шпион за Израел, Џонатан Полард

ИСТАНБУЛ (АА) – Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, во јули годинава во Амбасадата на САД во Ерусалим се сретнал со Џонатан Џ. Полард – Американец кој отслужи 35 години затворска казна поради шпионирање за Израел, објави денес „Њујорк тајмс“, пренесува Анадолу.

За весникот Полард ја потврди средбата, наведувајќи дека првпат по една деценија американски функционер го прима во владина зграда на САД по ослободувањето.

Тој го опиша состанокот како „пријателски“, но американски функционери за весникот изјавиле дека Хакаби го изоставил од својот јавен распоред, а шефот на канцеларијата на ЦИА во Израел бил вознемирен што воопшто се одржала средбата.

Полард рече дека му се заблагодарил на Хакаби за поддршката за неговото ослободување, посочувајќи дека поранешниот републикански претседателски кандидат се залагал за негово ослободување уште пред многу години. Додаде само дека се дискутирало за „многу работи“, без да открие детали.

Исто така, тој изјави дека не жали што шпионирал за Израел, тврдејќи дека САД задржувале разузнавачки информации од Израел, а го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп како „луд човек што буквално нè продаде за саудиско злато“.

Според висок функционер на Белата куќа и уште две лица запознаени со случајот, администрацијата не била однапред информирана за средбата меѓу Хакаби и Полард, а високи претставници биле вознемирени кога дознале дека се реализирала.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, вчера изјави дека претседателската администрација не знаела за средбата, но нагласи дека „претседателот стои зад нашиот амбасадор“.

Полард, кој има 71 година, беше осуден на доживотен затвор во 1987 година за шпионажа за Израел – еден од најзначајните шпионски случаи од Студената војна.

Многумина Американци го сметаа за предавник, а дел од Израелците го славеа како херој. По ослободувањето во 2015 година, Полард се пресели во Израел, каде што премиерот Бенјамин Нетанјаху лично го пречека на аеродромот.

Причината зошто Хакаби и неговиот висок советник Дејвид Милстајн се согласиле да се сретнат со Полард останува нејасна, иако двајцата долго време настојуваат да ги зајакнат врските со десното крило во Израел, со кое Полард блиску се идентификува.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın