Orhan Topal
15 Август 2019•Ажурирај: 16 Август 2019
МЕДИНА (АА) - Аџиите од сите делови на светот, по завршените обреди на аџилакот во Мека, овие денови пристигнуваат во Медина, за уште еднаш да ја посетат џамијата и гробот на последниот божји пратеник Мухамед, како и други значајни места во овој град. Пратениковата џамија секако е нешто што ѝ дава посебна убавина на Медина, пишува Anadolu Agency (AA).

Фоторепортерот на АА направи необично убави фотографии од Пратениковата џамија со првите утрински сончеви зраци. Во и околу џамијата има голем број аџии кои по утринската молитва останаа во дворот на џамијата и го пречекаа излезот на Сонцето.
Медина е вториот свет град кај муслиманите, по Мека. Таа е одредиштето на пратеникот Мухамед по неговата хиџра (преселба) од Мека, и е град во кој се наоѓа џамијата и гробот на последниот божји пратеник Мухамед.

Иако од Мека пристигнаа првите аџии, во џамијата веќе се забележуваат голем број посетители.
Аџиите имаат можност да ја посетат и Ревда, една од специфичностите на оваа џамија, но и Медина општо. Ер-Ревда ел-Мутахара, како што се нарекува поточно, претставува просторот помеѓу гробот на пратеникот и неговиот минбер, за кој во хадис се вели дека е една од рајските градини. Во тој простор пратеникот поминувал секој ден од својата куќа додека доаѓал на молитва. Тука му доаѓала и објавата од Алах.

Покрај Ревда и гробот на пратеникот Мухамед, аџиите имаат можност да посетат уште два познати мезџида во Медина: Мезџидот „Куба“, првата џамија, не сметајќи ги двете џамии во Мека и Ерусалим, како и мезџидот „Киблетејн“, каде што дошло до промена на киблата (насоката во текот на молитвата) од Бејту-л-Макдис во Ерусалим кон Каба во Мека.