Burç Eruygur
18 Април 2023•Ажурирај: 19 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, денес возврати на заедничката изјава на министрите за надворешни работи на Групата седум (Г-7) во која се повикува Русија да даде гаранции за воздржување од употреба на нуклеарно оружје, пренесува Анадолу.
„Тие бараат Русија да им даде некои гаранции за нуклеарното оружје, но всушност тие навестуваат иден нуклеарен конфликт меѓу нашата земја и НАТО“, рече Медведев во порака на Телеграм.
Медведев понатаму ги обвини Г-7 дека се „лажговци“, тврдејќи дека „користат нуклеарно оружје, но не се каат“.
„Тие се бескрајно лицемерни и ги лажат своите и другите, но велат дека нашата земја шири ‘лажни информации’ за Украина“, рече Медведев, додавајќи: „И сето тоа се случува во Јапонија. Каде што стотици илјади загинаа од нуклеарно бомбардирање.“
По денешниот состанок на министрите за надворешни работи во Јапонија, во заедничката изјава на Г-7, Русија се повикува повторно да се посвети „со зборови и дела“ на принципите забележани во заедничката изјава на лидерите на петте земји со нуклеарно оружје за спречување нуклеарна војна и избегнување на трки во вооружување.
Во заедничката изјава, исто така, се вели дека Хирошима, заедно со Нагасаки, нуди потсетник за „невиденото уништување и огромното човечко страдање што го доживеаја луѓето од Хирошима и Нагасаки како резултат на атомските бомбардирања во 1945 година“.