Safvan Allahverdi
12 Февруари 2018•Ажурирај: 12 Февруари 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот секретар за одбрана, Џим Матис, доцна синоќа призна дека некои од терористичките елементи на СДФ (Сириските демократски сили), предводени од терористичката организација ПЈД/ПКК, се префрлиле во Африн поради тековната операција на Турција против терористичките групи во Африн, Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Преместувањето на Сириските демократски сили (СДФ), што сега е на 50 отсто, е она кон што е насочено вниманието во Африн во моментов“, изјави Матис на новинарите за време на неговиот лет до Европа, додавајќи дека процентот може да е малку поголем или помал.
Тој изјави дека причината за мобилизација на терористичките групи во Африн е таа што Курдите сметаат оти „нивните пријатели Курди“ се нападнати во Африн, осврнувајќи се на операцијата на Турција „Маслинова гранка“ во северозападниот сириски град, спроведена со цел расчистување на терористичките елементи на ПЈД/ПКК.
Матис, исто така, потврди дека Анкара има легитимна загриженост за безбедноста и оти Вашингтон не го отфрла тоа.
„Турција има легитимна загриженост во врска со безбедноста долж границата со Турција, и ние не отфрламе ни дел од тоа“, нагласи тој, додавајќи дека Вашингтон ќе продолжи да работи одблиску со Турција.
Од Пентагон претходно беше нагласено дека некои елементи на СДФ, предводени од ПЈД/ПКК, ги преместуваат своите милитанти, но не наведоа каде се упатени.
Се очекува Матис да се состане во текот на оваа недела, во Брисел, со неговиот турски колега Нуретин Џаникли.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации, особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
САД ја поддржуваат ПЈД/ПКК под името СДФ, коишто всушност се сириски огранок на терористичката организација ПКК, која пак спроведува долгогодишна вооружена кампања против Турција.
Американската поддршка за терористичката група одамна ја вознемири Анкара, бидејќи Вашингтон ги смета СДФ за сигурен партнер во борбата против ДЕАШ и продолжува да обезбедува оружје и опрема и покрај силните приговори од страна на Турција.