Ayhan Şimşek
06 Ноември 2018•Ажурирај: 07 Ноември 2018
БЕРЛИН (АА) - Германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, истакна дека треба да бидат казнети не само сторителите, туку и оние кои го наредиле убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, доколку постојат, јавува Anadolu Agency (AA).
Мас во Берлин се состана со генералниот секретар на Советот на Европа, Торнбјорн Јагланд, по што оддржаа прес-конференција. Германскиот министер во оваа пригода се осврна и на убиството на саудискиот новинар Кашоги, истакнувајќи дека на саудиските официјални претставници им кажале дека очекуваат расветлување на овој случај.
Тој потсети и на улогата на Турција во истрагата и нагласи дека саудиските официјални претставници мораат да пружат поголема поддршка на истрагата, отколку што беше случајот досега.
Мас додаде дека сѐ уште многу прашања се неодговорени.
„Се надеваме дека одговорните ќе бидат казнети. Треба да се казнат не само оние кои го извршија, туку и оние, доколку постојат, кои го наредија убиството. Сметаме дека Саудијците сѐ уште не одговорија на сите прашања во овој случај“, изјави Мас.
Саудиска Арабија се соочи со критики од целиот свет поради убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул. Колумнистот на „Вашингтон пост“ исчезна на 2 октомври, откако влезе во саудискиот Конзулат во Истанбул да ги земе потребните документи за венчавка.
Според тврдењата на канцеларијата на Државното обвинителство во Истанбул, кога влегол, Кашоги веднаш бил задавен, а потоа и исечен на парчиња.