Малта официјално ќе ја признае Палестина на Генералното собрание на ОН
„Ставот на Малта отсекогаш бил конзистентен, поддржувајќи го мирот на Блискиот Исток преку дијалог и воспоставување на две држави“

ИСТАНБУЛ (АА) - Малта официјално ќе ја признае Палестина како држава за време на 80-тото Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), изјави премиерот Роберт Абела денес по пристигнувањето во Њујорк по повод присуството на Собранието, јавува Анадолу.
Најавата доаѓа како дел од политичката посветеност што тој ја вети претходно и ја одразува долгогодишната поддршка на Малта за дводржавното решение за за израелско-палестинскиот конфликт, се вели во соопштението од Кабинетот на премиерот.
„Ставот на Малта отсекогаш бил конзистентен, поддржувајќи го мирот на Блискиот Исток преку дијалог и воспоставување на две држави“, рече премиерот, потврдувајќи дека признавањето има за цел да ги зајакне напорите за трајно решение.
Тој го повтори повикот на Малта за безусловно ослободување на сите преостанати заложници што ги држи Хамас и повика на траен прекин на огнот во Газа.
Тој, исто така, ќе одржи серија билатерални и мултилатерални средби во Њујорк пред да се обрати пред Генералното собрание.
Вчера, Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија објавија признавање на Палестина, со што бројот на земји членки на ОН што го презедоа овој чекор се искачи на 153 од вкупно 193.
Единаесет други земји, вклучувајќи ги Малта, Луксембург, Франција, Белгија и Ерменија, објавија планови за проширување на признавањето за време на 80-тата сесија на Генералното собрание на ОН овој месец во Њујорк, каде што светските лидери ќе се состанат денес на дебата на високо ниво.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.