Yusuf Özcan
28 Март 2022•Ажурирај: 29 Март 2022
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека нема да го користи терминот „касап“ за рускиот претседател Владимир Путин, како што тоа го направи американскиот претседател Џо Бајден, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за телевизискиот канал „Франс 3“, Макрон нагласи дека сакаат да ја запрат војната што Русија ја започна во Украина.
Наведувајќи дека „напнатоста не треба да се зголемува со зборови и активности“, Макрон истакна дека продолжува да се среќава со Путин и дека нема да го користи зборот „касап“ за него.
„Ние како Европејци не смееме да заборавиме на нашата географија и историја. Ние не војуваме против рускиот народ“, додаде Макрон.
Нагласувајќи дека Европа не е вклучена во „студената војна“ меѓу Москва и Вашингтон, Макрон рече дека телефонски ќе разговара со Путин за одржување хуманитарна операција во Мариупол, Украина.
Бајден, кој го посети украинскиот бегалски камп во Варшава, главниот град на Полска, за Путин го употреби зборот „касап“.
Макрон во својата изјава на 25 март нагласи дека ќе организираат хуманитарна операција со Турција и Грција за оние кои сакаат да го напуштат украинскиот град Мариупол.