Sena Güler
30 Март 2018•Ажурирај: 30 Март 2018
ПАРИЗ (AA) - Претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, вчера во Париз ја прими делегацијата на таканаречената група Сириски демократски сили (СДФ) под чиј плашт во Сирија делува терористичката организација ПЈД/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Јелисејската палата соопшти дека претседателот Макрон на состанокот истакнал дека Франција е посветена на борбата против терористичката организација ПКК и дека ја поддржува безбедноста на Република Турција.
Во соопштението се наведува дека делегацијата на СДФ го информирала Макрон за хуманитарната ситуација на северот на Сирија.
Макрон, исто така, ветил поддршка на СДФ во борбата против терористите на ДЕАШ и додал дека таа поддршка се однесува на воспоставување безбедна зона на североистокот на Сирија и воспоставување легитимна управа која во тој регион ќе го спречи препородот на ДЕАШ на тоа подрачје.
Нагласувајќи дека Франција решително ја продолжува борбата против терористичката организација ПКК и заговара безбедност на Турција, Макрон рече дека СДФ нема оперативни врски со таа терористичка организација.
ПЈД/ПКК е терористичка организација која на северот на Сирија делува под плашт на називот СДФ. Турција тврди дека се работи за сириски огранок на терористичката организација ПКК, а САД сметаат дека СДФ се доверлив партнер во борбата против терористите на ДЕАШ.
Францускиот претседател Макрон изрази надеж дека Франција би можела да посредува и да помогне во воспоставување дијалог помеѓу СДФ и Турција.