Nilay Kar
06 Март 2019•Ажурирај: 06 Март 2019
КАРАКАС (АА) - Венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, ги повика своите поддржувачи на 9 март да излезат на улиците и да одржат антиимперијалистички протести, истиот ден кога и опозицијата најави антивладини протести во таа јужноамериканска земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на церемонијата по повод шестата годишнина од смртта на неговиот претходник, Хуго Чавез, Мадуро изјави дека ќе го победи „залуденото мнозинство“ кое планира да ја дестабилизира земјата.
„Ќе го направиме тоа за Чавез, во чест на големата историја на земјата“, изјави тој.
Тоа беше прво јавно обраќање на Мадуро, откако опозицискиот лидер Хуан Гваидо се врати во земјата во понеделникот по посетите на неколку латиноамерикански земји.
И покрај забраната за патување од 30 јануари, Гваидо тајно ја напушти Венецуела и замина за Колумбија за да помогне во координирање на напорите за доставување на американските конвои со хуманитарна помош во Венецуела.
Тој, исто така, ги посети и Бразил, Парагвај и Аргентина.
„Посилни сме од кога било“, изјави Гваидо за толпата поддржувачи по слетувањето на аеродромот во Каракас.
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за својот втор мандат, по изборите кои опозицијата ги бојкотираше.
Напнатоста дополнително се зголеми кога опозицискиот лидер Хуан Гваидо на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател, и беше поддржан од страна на САД и многу европски и латиноамерикански земји. Русија, Турција, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржуваат Мадуро.