Лувр ќе остане затворен поради продолжениот штрајк на вработените
На состанок на генералното собрание, вработените донеле одлука за продолжување на штрајкот, соопштија синдикатите ЦГТ и ЦГДТ
ИСТАНБУЛ (АА) – Музејот Лувр ќе остане затворен и денес, откако вработените одлучија да го продолжат штрајкот започнат на почетокот на неделава, соопштија синдикатите, наведувајќи ги влошените услови за работа и недоволните ресурси, по грабежот што се случи пред речиси два месеца, пренесува Анадолу.
На состанок на генералното собрание, вработените донеле одлука за продолжување на штрајкот, соопштија синдикатите ЦГТ и ЦГДТ, јави телевизијата БФМ ТБ.
Штрајкот започна во понеделникот, откако околу 400 вработени едногласно гласаа за протест против, како што велат, хроничниот недостиг од персонал, влошената состојба на историската зграда и зголемениот буџетски притисок.
Најпосетуваниот музеј во светот беше затворен во понеделникот поради штрајкот, а повторно и во вторникот, кога е редовен неделен неработен ден.
Претставниците на синдикатите наведуваат дека незадоволството кај вработените дополнително се зголемило по серијата инциденти по грабежот од 19 октомври, меѓу кои и привремено затворање на една галерија и оштетување на стари книги поради протекување на вода.
По кризната средба со синдикатите во Министерството за култура, Владата предложила неколку мерки, вклучително и укинување на планираното намалување на финансирањето од 5,7 милиони евра за 2026 година, отворање нови вработувања за прием и надзор на посетителите, како и зголемување на надоместоците.
Синдикатите, сепак, бараат зголемувањето на платите да биде трајно решение.
Спорот повторно го насочи вниманието кон управувањето со безбедноста во музејот.
Претседателката на Лувр, Лоранс де Кар, се очекува подоцна во текот на денот повторно да одговара на прашања пред Комисијата за култура на Сенатот, додека пратениците бараат појаснување за безбедносните пропусти истакнати по грабежот.
Де Кар претходно пред Сенатот призна „пропуст“ во безбедноста, но нагласи дека се преземени чекори за забрзување на одамна одложениот мастер-план за безбедност.
