Mohammad Sıo
19 Септември 2024•Ажурирај: 20 Септември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала, вети дека акциите на Израел ќе ги претвори во „пекол“ откако групата претрпи „тежок удар“ со детонирањето на комуникациските уреди неделава во Либан, јавува Анадолу.
Насрала имаше телевизиски говор за експлозиите во кои загинаа 37 луѓе, а илјадници беа повредени.
„Признаваме дека примивме тежок удар, што е нормално, бидејќи ја признаваме технолошката супериорност на Израел, поддржана од САД, НАТО и Западот“, рече Насрала. „Израелскиот непријател се обиде да убие 5.000 луѓе за само две минути, не покажувајќи никаков обѕир кон ништо.“
„Бројот на пејџери што ги носат припадниците на Хезболах е 4.000, што значи дека Израел намерно сакал да убие 4.000 луѓе“, рече тој.
На експлозиите „ќе биде возвратено со праведна одмазда, остра пресметка, со време, место, природа какви ќе одлучиме“, рече Насрала.
Тој го предупреди Израел дека ако воспостави безбедносен појас на либанска територија, тоа „ќе се претвори во стапица и пекол“.
Насрала додаде дека се формирани повеќе истражни комисии за испитување на околностите за експлозиите и дека дошле до речиси дефинитивен заклучок, а либанската група на отпорот чека потврда.
Истакна дека сериозноста на повредите на очите од експлозиите „стави значителен притисок врз болниците во Либан“.
Понатаму, Насрала рече дека многу од експлозиите се случиле во болници, на пазари, јавни патишта и во домови, области населени претежно со цивили, меѓу кои и деца и жени.