ТРИПОЛИ (AA) - ЕНЕС ЏАНЛИ -
Жителите на Либија кои конечно се вратија во своите домови, благодарни им се на турските деминерски тимови, коишто, отстранувајќи ги мините, им обезбедија враќање во нивните домови.
Имено, Вооружените сили на Турција (ТСК), кои на повик на Владата на Либија пристигнаа во оваа земја, почнаа да ги расчистуваат населените подрачја на Триполи од мините и експлозивните направи што ги поставија нелегитимните милитантни сили предводени од Калифа Хафтар.
Хафтаровите милитанти и платеници на руската групација „Вагнер“, кои по поразот се повлекоа од јужните делови на Триполи, зад себе оставија голем број експлозивни направи.

Тимот за деминирање (МЕТИ), кој дејствува во рамките на ТСК во расчистувањето на населените подрачја во Триполи, се обидува да го обезбеди враќањето на цивилите во нивните домови.
Жителите на населбата Салахадин им се заблагодарија на турските деминерски тимови што по 14 месеци се вратија во своите домови.
Репортерската екипа на Агенција Анадолија (АА) разговараше со цивилите на кои им е обезбедено враќањето.
Цивилите изјавија дека милитантите на Хафтар ги ограбиле нивните домови, им ги украле возилата и зад себе оставиле големи урнатини.
Разорената населба Салахадин, во која се наоѓаат голем број згради, некогаш важеше за едно од најпрестижните предградија на Триполи.
Еден од жителите на Салахадин, Мухамед ет-Туми (42), рече дека во дворот на неговиот дом го дочекале урнати ѕидови и остатоци од фрлени бомби.

Како и во другите дворови, и тука вниманието го привлекуваат вреќи полни со песок кои се поставени околу големите ровови и големи дупки отворени во ѕидовите на дворовите за да може да се премине во соседните имоти.
Туми рече дека милитантите во неговиот дом донеле и предмети од соседните куќи.
На ѕидовите од куќата на Туми видливи се натписи на руски јазик, додека запалените соби на спратот и оштетените ѕидови јасно ја покажуваат штетата што ја направи војната.
На прашање на новинарот на АА, Туми одговори со длабока воздишка, зборувајќи дека е длабоко потресен од глетката која го дочекала.
„Во оваа куќа вложував труд во текот на целиот мој живот. Вложив години труд. Битно е дека децата, мајка ми, татко ми, семејството ми е живо и здраво“, рече Туми.
Тој напомена дека куќата ја напуштил во април 2019 година, кога Хафтар наредил напад на Триполи.
„Не разбирам, од каде дојдоа овие луѓе што ги минираа нашите домови? Како можеа да го сторат тоа? Тука живеат семејства со деца, на што размислуваа кога ги поставуваа мините?“, истакна Туми.
Тој му се заблагодари на турскиот тим кој работеше на деминирањето на населбата и на турскиот народ кој ќе им го обезбеди враќањето.
Во една куќа неколку стотини метри оддалечен од куќата на Туми, живее Мухамед Ерзумлу, кој, исто така, по враќањето се соочил со слична глетка.
Тој рече дека продолжил да живее во својот дом и по нападите на Хафтаровите милиции на тоа подрачје.
Ерзурумлу раскажа дека неговиот дом го напуштил во декември, а кога се вратил, покрај урнатините, го дочекале и кутии со лекови, храна и други производи чии имиња биле напишани на кирилица.
На ѕидовите се видливи и натписи на припадниците на руската група „Вагнер“, кои забележувале некои воени податоци.

Ерзурумлу изјави дека ден пред рамазанскиот Бајрам го загубил својот 12-годишен роднина во експлозија на мина поставена од страна на Хафтаровите милитанти.
„Ова подрачје врие од мини. Но вчера турските деминерски екипи дојдоа и ги расчистија улиците, дворовите и куќите. Вчера чувме многу експлозии, додека ситуацијата денеска е подобра“, рече Ерзурумлу.
Тој му се заблагодари на турскиот тим кој по шест месеци му го обезбеди враќањето во неговиот дом.
Либискиот центар за деминирање објави дека во експлозиите на мини кои се поставени од страна на Хафтаровите милитанти, животот го загубиле 39 лица, додека 71 лице се ранети.
Владата на Либија истакнува дека милитантите на Хафтар, поради минирањето на цивилни подрачја треба да бидат процесуирани како воени злосторници.
Владата претходно, по откривањето на масовните гробници на подрачјето на Тархуна упати повик до меѓународната заедница за поведување истрага за злосторствата на милитантите на Хафтар.
Либија е место со длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога е убиен Муамер Гадафи. Лидерот на сепаратистичките сили од источниот дел на Либија, Калифа Хафтар, во април минатата година започна напад за заземање на Триполи, но беше спречен од страна на силите на Владата на национално единство на Либија.
news_share_descriptionsubscription_contact
