Hamdi Yıldız
14 Септември 2023•Ажурирај: 15 Септември 2023
ТРИПОЛИ (АА) - Абдулхамид Дибејбе, шефот на либиската Влада за единство со седиште во Триполи, објави дека наставата во основните и средните образовни установи е прекината на десет дена поради поплавите, јавува Анадолу.
„Со оглед на болната ситуација во градовите погодени со катастрофата, одлучив да ја прекинам наставата во основните и средните образовни установи низ земјата на десет дена“, рече Дибејбе.
Наведувајќи дека го задолжил Министерството за образование да подготви план за враќање на учениците во училиштата, Дибејбе напомена дека ќе се формираат привремени центри за образование.
Бројот на загинати од последиците на бурата „Даниел“ и последователните поплави во источна Либија надмина 6.000, а неколку илјади луѓе и понатаму се водат како исчезнати.
Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина во понеделникот објави дека бројот на исчезнати по поплавите во Либија е поголем од 10.000.
Обилните врнежи од дожд како последица на моќниот циклон во неделата зафатија неколку области во источна Либија, меѓу кои Бенгази, Ал Бајда и Ал-Марџ, како и Соуса и Дерна.