свет

Либија - земја со најмногу резерви на нафта во Африка, лишена од користење на ова богатство

Економијата на земјата претрпе загуба од 5 милијарди долари во јануари 2020 година, поради затворањето на производството и извозот на нафта од страна на вооружените групи на Хафтар

Mücahit Aydemir  | 31.05.2020 - Обновена : 01.06.2020
Либија - земја со најмногу резерви на нафта во Африка, лишена од користење на ова богатство

АНКАРА

Водачот на нелегитимните вооружени сили на истокот на Либија, Калифа Хафтар, врши политички притисок врз легитимната Влада на Либија за да го запре производството на нафта, со што ѝ наштетува на економијата на земјата, пишува Агенција Анадолија (АА).

Според податоците на либиската Национална нафтена корпорација, која е одговорна за вадење, преработка и извоз на нафта во Либија, производството и извозот на јаглеводороди се силно погодени од Граѓанската војна во Либија, која е земја со најголеми докажани резерви на нафта на африканскиот континент.

Економијата на земјата претрпе загуба од 5 милијарди долари во јануари 2020 година, поради затворањето на производството и извозот на нафта од страна на вооружените групи на Хафтар.

Ибрахим Кадран, водачот на вооружената група наречена „Стражари на нафтените објекти“, кои ги контролираа регионите каде што се наоѓа нафтениот басен на истокот на земјата, во периодот од 2016 до 2019 година го прекинаа производството на нафта, предизвикувајќи загуба од 100 милијарди долари.

Меѓународните енергетски организации истакнуваат дека најголемите резерви на нафта во Либија сè уште не се откриени и дека поради конфликтот во земјата не може да се спроведат обемни активности за нивно откривање.

- „Нафтената полумесечина“ исполнува 60 проценти од извозот -

Најголемите капацитети за нафта и гас во земјата, како што се Сидер, Рас Лануф, Брига и Зувејтине, се наоѓаат во источниот дел на Либија, што се протега на 350 км од Сидре до Бенгази, на медитеранското крајбрежје и се нарекува „Нафтена полумесечина“.

Производството во „Нафтената полумесечина“ учествува со 60 проценти од целиот извоз на нафта во земјата.

Според тоа, во рафинеријата во Сидре дневниот производствен капацитет на нафта е 350 илјади барели, во Рас Лануф 220 илјади барели, во Зувејтине 100 илјади барели и во Брига 8 илјади барели.

- На Либија ѝ недостигаат приходи од нафта -

Од откривањето на „црното злато“ во втората половина на 19 век во земјата, приходите од нафта се главниот двигател на либиската економија.

Кога се произведуваше под полн капацитет, ресурсите на јаглеводороди во Либија претставуваа околу 70 отсто од националниот приход на земјата, 93 отсто од приходите на Владата и повеќе од 90 отсто од извозот.

Откако Муамер Гадафи, соборениот лидер, во 1970 година го пренесе седиштето на Националната нафтена институција од Бенгази, во источниот дел на земјата, на запад, во главниот град Триполи, го намали бројот на населението на истокот од земјата, каде што се наоѓаат околу 80 проценти од нафтените извори на земјата.

Рушењето на режимот на Гадафи на почетокот од 2011 година им даде можност на политичките формации и племиња на истокот од земјата да имаат поголемо влијание во нафтениот сектор.

Бенгази посвети поголем интерес за приходите од нафтата бидејќи беше домаќин на нафтената институција пред 1970 година и беше првиот град каде што започнаа немирите против режимот на Гадафи. Исто така Бенгази и географски беше поблизок до нафтените извори.

Во Либија, во 2010 година дневно се произведуваа 1,6 милиони барели нафта. Оваа стапка значително опадна како резултат на нестабилноста поради „Арапската пролет“, напорот на различните структури да добијат приход од нафтата и нападите на милициите на Хафтар.

Производството на нафта исто така опадна поради тоа што Хафтар во јануари ги затвори нафтените постројки во централниот и источниот дел на земјата за да ги намали ресурсите на либиската Влада.

Вооружената група наречена „Стражари на нафтените објекти“ поврзана со Хафтар, еден ден пред одржувањето на меѓународната берлинска конференција за либиската криза во Германија на 18 јануари успеа да ги затвори нафтените постројки во Сидре, Рас Лануф, Брига, Зувејтине и Харига.

Активноста во нафтените извори „Шерара“ и „Ел-Фил“ на југот на земјата беше запрена во февруари 2019 година од страна на племињата и вооружените елементи поврзани со Хафтар, бидејќи приходите одеа во либиската Влада.

- Нападите на Хафтар имаат големо влијание врз приходите од нафта -

Нападите врз производството на нафта од страна на Хафтар како дел од неговата војна од 2014 година, предизвикаа милијарди долари штета врз либиската економија.

Според податоците на либиската Национална нафтена корпорација, намалувањето на производството на нафта во регионот на „Нафтената полумесечина“ резултира со 800.000 барели загуба на производството на нафта дневно и загуба од околу 55 милиони долари.

Националната нафтена корпорација соопшти дека економијата на земјата претрпела загуба од повеќе од 5 милијарди долари само оваа година со прекините на производството во областа „Нафтена полумесечина“ од 18 јануари. Прекинот на производството од страна на „Стражарите на нафтените објекти“ во периодот од 2016 до 2019 година предизвика загуба од 100 милијарди долари низ целата земја.

Во овој период, Централната банка ги намали своите резерви на најниско ниво во историјата, за исплатата на плати на јавните вработени и за снабдување на граѓаните со основните потреби како што се храна, здравство и образование.

Либијците се соочуваа со сериозни економски последици, како што се раст на инфлацијата, губење на вредноста на локалната валута и раст на јавниот долг.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.