Ekipa
19 Декември 2016•Ажурирај: 19 Декември 2016
БЕНГАЗИ (АА) - Вчера во Бенгази, во самоубиствен напад загинаа најмалку седум војници лојални на либискиот Парламент со седиште во Тобрук, во источниот дел на земјата, а одговорноста ја презеде терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Возач самоубиец активираше експлозив во својот автомобил на воениот контролен пункт во областа Ганфуда, западно од Бенгази, изјави неименуван извор близок до либиската армија.
„Во нападот загинаа седум војници, а осуммина беа повредени“, истакна изворот.
Терористичката организација ДЕАШ ја презеде одговорноста за нападот, и истакна дека во бомбашкиот напад се уништени воени возила, два тенка и две оклопни возила.
Либија ја тресе политичка нестабилност од 2011 година, кога од власт беше симнат и убиен долгогодишниот лидер на земјата, Моамер Гадафи. Оттогаш, спротивставените воени сили во земјата почнаа да војуваат, што резултираше со крваво насилство во поголемите градови во Либија – Триполи и Бенгази. Во меѓувреме, централната власт се повлече од сцената.
Острата политичка поделеност доведе до самовоспоставување на две седишта на владата, во Тобрук и во Триполи, а секое има свои институции.